Иран со ефектен автогол во 94. минута успеа да извлече 1:0 победа над Мароко во меч кој претходно не донесе многу возбудувања во Санкт Петербург.
Напаѓачот на Сент Паули, Азиз Бухадуз го „згреши“ голот, и во 94. минута со глава го совлада сопствениот голман за африканската репрезентација скоро сигурно да ги загуби шансите за пласман во втората рунда бидејќи ги чекаат дуели со Шпанија и со Португалија.
Мароканците имаа подобро отварање на мечот, доминирајќи во поседот на топката и во шансите, откако во 18. минута имаа одлична шанса преку Белханда и Бенатија со обиди во петерецот, а Иранците едвај спасуваат преку голманот Беиранванд.
Иран најсериозно се закани во 43. минута, кога Азмун изби пред мароканскиот голман, кој го брани првиот удар, а потоа ја одбива и одбиената топка од Јаханбакш.
Во второто полувреме се играше уште повнимателно, и двете репрезентации не сакаа посериозно да тргнат во напад.
Во 80. минута, Мароко имаше шанса да го реши мечот, откако Зијеч од работ на шестнасетникот упати одличен удар, но голманот Беиранванд имаше одлична реакција.
За разлика од првиот петочен дуел меѓу Уругвај и Египет во Екатеринбург, стадионот во Санкт Петербург беше полн и немаше грда слика со илјадници празни седишта. Сега, следува „шлагот“ на денешната програма, мечот меѓу фаворитите за добар пласман Шпанија и Португалија од 20 часот во Сочи на брегот на Црното Море.
Фото: ЕПА