Фудбалската федерација на Иран им дозволи на жените да присуствуваат на натпреварите од машкиот фудбалски шампионат. Веста ја соопшти првиот човек на иранскиот фудбал, Мехди Таџ.
„Една од главните карактеристики на оваа сезона е тоа што жените ќе можат да влезат на стадионите“, рече Таџ на церемонијата на ждрепката за новата сезона.
Машкиот шампионат со 16 екипи треба да започне во август. Иран им забрани на жените да присуствуваат на машки фудбалски натпревари пред повеќе од 40 години.
Свештениците, кои играат голема улога во општествениот живот во Иран, сметаат дека жените треба да избегнуваат да бидат во машко друштво и да гледаат мажи во спортска облека, односно во шорцеви.
Околу 4.000 Иранки можеа да присуствуваат на квалификацискиот натпревар за Светското првенство во 2022 година против Камбоџа на стадионот Азади во Техеран во октомври 2019 година, за прв пат од револуцијата во 1979 година.