Top Sport

Ирска и Северна Ирска преговараат за заедничка лига

Ирските фудбалски клубови ги почнаа преговорите за формирање на „Се-Ирска лига“, која би ги опфаќала клубовите од Република Ирска, но и од Северна Ирска, која официјално е дел од Велика Британија.

Ирскиот фудбал секогаш бил поделен во Лигата на Ирска во Република и Ирска и Ирската лига во Северна Ирска, но новиот конзорциум на бизнисменот Киеран Лусид, заедно со поранешниот селектор на Ирска, Брајан Кер имаат проект за формирање на „Се-Ирска лига“.

„Сите би профитирале од ваков договор. Ќе има повеќе фанови, а популациски зборуваме за 6.6 милиони луѓе, за 1.2 милиони повеќе од Шкотска. Со заедничка лига ќе има повеќе спонзори и повеќе пари во лигата. Во Данска на пример ТВ-договорот вреди 50 милиони евра, додека комбинираните ТВ-договори на Ирска и Северна Ирска се половина милион евра“, вели Лусид.

Планот би требало да добие поддршка од двете национални федерации, но и од УЕФА. Фудбалот не би бил прв спорт кој би имал „Се-Ирска лига“, бидејќи рагбито и голфот одамна се „обединети“ на островот.

Scroll to Top