Top Sport

Изгласан новиот закон за спорт – Шпанските клубови најавија штрајк

Владата на Шпанија донесе нов закон за спорт со кој се овозможува основање на Супер лигата и учество на големите шпански екипи во тоа натпреварување без да бидат исклучени од Ла Лига. Претходно 39 од 42 клуба во Примера и Сегунда најавија штрајк доколку законот биде изгласан. Новиот закон го поддржаа само Реал, Барселона и Атлетик Билбао.

Законот сигурно ќе биде потврден утре. Хавиер Тебас, првиот човек на Ла Лига, најави дека вонредното собрание на Ла Лига ќе се одржи на 27 октомври. Извесно е дека ќе се одлучи да нема натпревари во текот на викендот.

Реал и Барселона се основачи на европската Супер лига. Во игра со нив се уште е италијанскиот гигант Јувентус кој жестоко се бори за формирање на Супер лигата во која би играле најдобрите клубови во Европа.

Сега шпанските клубови решија да се побунат. Тие не сакаат да играат во лига во која се фаворизираат одредени тимови, а многумина го обвинуваат Реал Мадрид за се.

„Реал Мадрид не сака Ла Лига да напредува. Никогаш Реал не направил ништо за лигата да оди напред“, истакнал претседателот на Бетис, Анхел Јаро.

„Овој закон е донесен затоа што некој е многу, многу моќен и ужасен. Ќе кажам кој – Реал Мадрид“, истекна првиот човек на Бургос, Начо Сан Милан.

Првиот човек на Леванте, Кико Каталан, вели дека Реал и Барселона не треба да играат во Ла Лига доколку решат да ја формираат Суперлигата.

„Ако сакаат да играат таму, не треба да добијат лиценца за настап во првенството. Новиот закон го уништува шпанскиот фудбал. Очигледно имаше голем притисок“, рече тој.

Другите тимови се подготвени да престанат да играат фудбал додека не се смени законот.

„Ќе направиме се што е потребно. Не блефираме кога велиме дека можеме да го запреме фудбалот во Шпанија. Ова не е шега. Верувавме во дијалогот како решение, но кога нема дијалог, мора да се направи нешто“, соопшти претседателот на Еибар.

Scroll to Top