Барселона и Реал Мадрид одиграа без победник, 2:2 во најновото „Ел Класико“, одбележано, како и секогаш со контроверзни моменти, црвен картон, недосудени пенали и по два гола во двете мрежи.
Иако мечот нема резултатска важност, бидејќи Барселона веќе ја запечати двојната титула во Шпанија, во поголемиот дел од натпреварот имаше остри стартови, многу расправии, и неколку сомнителни судиски одлуки.
Играчите на Реал Мадрид, според ветеното, не им направија почесна стража (пасилјо) на освојувачите на двојната шпанска круна, и иако во првите 40-тина минути се играше фер, потоа дојде до вжештување на ситуацијата.
А сѐ започна како што посакуваа Блауграна – Сержи Роберто со одличен продор го најде Луис Суарез за гол уште во 10. минута, пред Кристијано Роналдо четири минути подоцна да израмни. Финишот на полувремето донесе немили сцени откако Роберто го удри Марсело без топка по провокација и доби директен црвен картон.
Ова беше кулминација на хаотичните последни десет минути од полувремето, во кои по конфликтот меѓу Луис Суарез и Серхио Рамос, двата тима да почнаат да играат прегрубо. Прво Лионел Меси доби жолт картон за брутален старт над Рамос, пред Герет Бејл да има среќа што не доби црвен картон по остриот фаул над Умтити, пред сѐ да кулминира со потегот на Сержи Роберто.
Барселона, и покрај тоа што играше со играч помалку, дојде во водство преку Лионел Меси, повторно на контроверзен начин. Луис Суарез со фаул ја освои топката и ја додаде до Меси во 52. минута, за Аргентинецот лесно да помине двајца дефанзивци и да донесе 2:1 предност. Герет Бејл, кој доби шанса на големиот меч го постави конечниот резултат во 72. минута, а Реал сметаа дека еден сигурен пенал (над Марсело) не беше досуден, протестирајќи кај судијата.