Легендата на Арсенал, Јан Рајт вели дека Арсен Венгер не си заминал сам од лондонскиот премиерлигаш, туку дека бил отпуштен.
„Топчиите“ и Венгер во петокот официјално потврдија дека Французинот заминува по 22 години на чело на клубот, иако имаше уште една година на договорот. Претходно, Венгер постојано ги отфрлаше барањата да замине од клубот посебно преку гласниот дел на навивачите и во мај 2017 потпиша двегодишно продолжување на договорот.
Рајт, кој освои титула од Премиер лигата под Венгер во 1997/98, вели дека 68-годишниот Французин бил „истуркан“ од клубот.
„Арсен Венгер е човек од принципи, искреност и интегритет, и затоа сум убеден дека беше отпуштен, а не си даде оставка. По целиот отров и злоба која ја фрлија кон него, Арсен никогаш не бил човек кој си заминува пред крајот на договорот. Ова е тажна ситуација и не верувам дека ќе дознаеме кој бил одговорен, бидејќи сите ќе се кријат. Нешто не е чисто тука. Но, Арсен може да си замине со високо крената глава. Затоа треба да му се даде достојно испраќање на фудбалска легенда. Сите навивачи на Арсенал му го должат тоа“, вели Рајт.