Top Sport

Јанг: Во Интер, конечно, играм со насмевка на лицето

Ешли Јанг вели дека е „препороден“ по трансферот во Интер и е подготвен да се бори за титулата од Лига Европа, почнувајќи во полуфиналето против Шахтјор Доњецк во понеделник, по што може да следува и пресметка со неговиот поранешен клуб, Манчестер јунајтед, доколку „ѓаволите“ ги поминат Севилја.

„Секогаш сакаш да играш против тимови кои сакаат напаѓачки фудбал, бидејќи одиш директно против нив и кој е подобар ќе биде победник. Шахтјор се многу добар тим и не се во полуфиналето случано. Сакаме во финале, но не размислуваме кој ќе ни биде противник, бидејќи прво треба да стигнеме таму“, вели Јанг.

Англискиот ветеран беше изненадувачко засилување за Интер по трансферот во јануари, и оттогаш има 4 гола и 5 асистенции во 23 меча за „нераѕурите“.

„Бев цел живот во Англија и беше комплетна промена кога пристигнав во Италија. Кога се појави шанса да играм за Интер веднаш побарав кога е следниот лет. Беше огромна шанса за мене да се игра постојано во голем клуб. Сега играм со насмевка на лицето, уживам во клубот. Единствено ми недостасува готвењето на мојата мајка, која постојано ми праќаше храна кога играв во Манчестер. Но, начинот на живот во Милано е неверојатен, луѓето, храната… Не се жалам“, вели Јанг.

Scroll to Top