Top Sport

Повторно проблеми со поранешниот шампион – Нортуг уапсен со кокаин

Легендата на норвешкото нордиско скијање, кое е национален спорт во оваа земја, двократниот олимписки шампион Петер Нортуг повторно е во проблеми откако при полициска проверка по пребрзо возење, во негов посед бил пронајден кокаин.

34-годишниот Нортуг, покрај олимписките успеси има 13 титули светски шампион, а двапати го освојуваше Светскиот куп во крос-кантри скијање во 2010 и 2013 пред да ја заврши кариерата во 2018 година.

„Вчера навечер, бев сопрен од полицијата поради пребрзо возење. Ме однесоа на тестирање на крвта и полицијата утврди мало количество дрога во мојата куќа, поточно кокаин. Се извинувам за оваа голема грешка“, вели Нортуг на својот Инстаграм профил, откако медиумите тврдеа дека возел 168 км/ч на пат на кој максималната брзина е 110 км/ч.

Ова не е првпат Нортуг да има проблеми со законот. Во мај 2014 година, тој го судри своето Ауди во Трондхајм под дејство на алкохол, а негов сопатник доби скршена клучна коска. По ова, тој избега од местото на несреќата и беше баран со полициски кучиња. Бидејќи на суд призна дека е виновен, тој доби 50 дена затворска казна и одземање на дозволата во следните пет години.

Scroll to Top