Top Sport

Јанузај: Зарем треба да им го докажувам на Јунајтед мојот талент?

Белгискиот репрезентативец Аднан Јанузај инсистира дека едвај го чека дуелот со својот поранешен клуб Манчестер јунајтед во Лига Европа, додавајќи дека „нема што да докажува“ на „ѓаволите“.

Јанузај и неговите Реал Сосиедад во четврток во Торино ќе го пречекаат Јунајтед, клубот каде што Белгиецот со албанско потекло ја почна кариерата, поминувајќи шест години на „Олд Трафорд“ пред да замине во 2017 година поради тоа што не беше стандарден првотимец. Тој вели дека нема што да докажува, ниту е лут.

„Не морам да го докажувам мојот талент никому, туку само да верувам во себеси, да ги добијам моите мечеви и да бидам среќен. Но, среќен сум што се враќам таму, клубот кој го сакам. Кога ќе бидеме на теренот нема да сме пријателски расположени, бидејќи сега играм во друг клуб и сакам победа“, вели Јанузај.

По две години во академијата на Јунајтед, Јанузај влезе во првиот тим на „ѓаволите“ во 2013, и вкупно одигра 63 натпревари и постигна 5 гола за клубот. Сер Алекс Фергусон му го даде стартот во Јунајтед, пред да биде стандарден под Дејвид Мојс, но по неговиот отказ во 2014 година, тој беше на клупата под Луис ван Гал и Жозе Мурињо, пред да замине во Сосиедад.

„Ги имав Ферги и Дејвид Мојс, тренери кои веруваа во мене, но потоа дојдоа некои други кои сакаа поискусни фудбалери во тимот. Јас бев млад и кога си млад ќе молчиш и ќе правиш што ќе ти кажат“, вели 26-годишниот Јанузај, кој сега има 109 настапи за Сосиедад со 16 гола и 16 асистенции.

Scroll to Top