Top Sport

Јовиќ и Ајнтрахт го „шутнаа“ Интер, „црниот пантер“ Обамејанг ги „крена“ Арсенал (видео)

Напаѓачот Лука Јовиќ ја продолжи фантастичната форма за на Ајнтрахт Франкфурт да им донесе 1:0 победа на „Сан Сиро“ против Интер, со што „нераѕурите“ се елиминирани во осминафиналето на Лига Европа.

Арсенал со 3:0 го победи Рен за да го запечати билетот за четврт-финале, додека продолженија ќе има во Лисабон, каде што Бенфика со 1:0 ја елиминираше предноста на Динамо Загреб, како и во Прага, каде што во луд меч Славија и Севилја одиграа 2:2, идентично како и на првиот меч во Шпанија.

Првиот меч помеѓу Ајнтрахт и Интер заврши без голови (откако пеналот на Марцело Брозовиќ беше одбранет), така што гол за германскиот клуб во Италија ќе значеше многу проблеми за Интер. Пред 14.000 германски фанови во Милано, Интер имаше кошмарен старт – прво Себастиен Халер се закани во петтата минута, за една минута подоцна Србинот Јовиќ (по кого наводно Барселона имаше пратено скаути во Милано), да го лобува Хандановиќ за да ја продолжи неверојатната низа на „орлите“ – Ајнтрахт има постигнато гол на последните 12 европски гостувања.

Арсенал немаше вакви маки, иако против Рен имаше негатива од 1:3 од првиот меч. „Топчиите“ се видоа во четврт-финалето по само 15 минути игра, откако Пјер-Емерик Обамејанг (5. минута) и Ејнсли Мејтланд-Најлс (15. минута) дадоа голови за 2:0, резултат кој ги водеше во четврт-финале. Обамејанг во 72. минута го зголеми водството на 3:0.

Динамо Загреб добро се држеше 70 минути на полу-празниот „Естадио де луж“ против Бенфика, но бразилскиот ветеран Жонас им даде гол со одличен удар од работ на шестнаесетникот, за по првите 0:1 во Загреб да се оди на продолженија.

Уште подраматично беше на „Синобо“ во Прага, каде што Славија Прага двапати имаше водство против поранешниот шампион од ЛЕ, Севилја, за гостите да израмнат и да принудат продолженија откако првиот меч заврши со идентични 2:2.

Фото: ЕПА

ЛИГА ЕВРОПА, ОСМИНАФИНАЛЕ, ВТОР МЕЧ

Арсенал – Рен 3:0, прв натпревар 1:3, вкупно 4:3

Бенфика – Динамо Загреб 3:0 по продолженија , прв натпревар 0:1, вкупно 4:1

Интер – Ајнтрахт Франкфурт 0:1, прв натпревар 0:0, вкупно 0:1

Славија Прага – Севилја 4:3 по продолженија, прв натпревар 2:2, вкупно 6:5

Вилјареал – Зенит Санкт Петербург 2:1, прв натпревар 3:1, вкупно 5:2

МЕЧЕВИ ОД 19 ЧАСОТ

Динамо Киев – Челси 0:5, прв натпревар 0:3, вкупно 0:8

Краснодар – Валенсија 1:1, прв натпревар 1:2, вкупно 2:3

Салцбург – Наполи 3:1, прв натпревар 0:3, вкупно 3:4

Жиру и Челси го „масакрираа“ Динамо Киев, Валенсија и Наполи се „тресеа“ (видео)

Scroll to Top