Top Sport

Јунајтед докажа дека Манчестер е се уште „ѓаволски“ град (видео)

Градското дерби на Манчестер му припадна на „ѓаволскиот“ тим. Јунајтед на теренот на Сити славеше победа со 2-1.

Пулените на тренерот Солскјер одиграа одлично прво полувреме, комплетно го изненадија англискиот шампион, а затекнат од изданието на младите фудбалери во црвени дресови беше и Пеп Гвардиола.

По денешниот пораз, заостатокот на „граѓаните“ до Ливерпул е цели 14 бода.

Иако имаше возбудувања на двете страни од самит почеток на мечот, сепак Рашфорд беше стрелец на првиот гол на дербито. Тој погоди во 23 минута од пенал по стартот врз него од страна на Бернардо Силва. Неколку минути претходно токму Рашфорд имаше идеална прилика да го совлада голманот на Сити, но неговиот удар заврши во пречката. Не се чекаше долго до вториот гол. Марсијал во 29 минута доби употреблива топка од Џејмс и стрелеше прецизно во мрежата на Едерсон.

Во текот на мечот, Сити во два наврати бараше судијата да покаже на белата точка во нивна полза, а првиот пат тоа се случи пред крајот на првото полувреме. Фред играше со рака, но судијата не досуди ништо.

Вториот спорен момент беше во 70 минута. Стерлинг беше срушен во казнетиот простор на Јунајтед, но повторно не беше досуден пенал.

Голот за надеж за можен пресврт на Сити беше дело на Отаменди во 85 минута, но до крајот на мечот немаше промена на резултатот.

По овој пораз, Манчестер Сити е на третото место во Премиерлигата со 32 бода, со -14 од Ливерпул и -3 од второпласираниот Лестер.

Јунајтед сега се искачи до петтата позиција на табелата.

Scroll to Top