Top Sport

Јунајтед се откажаа од Бруно Фернандеш, Спортинг бара 80 милиони евра!

Долгоочекуваниот трансфер на Бруно Фернандеш од Спортинг Лисабон во Манчестер јунајтед пропадна откако претседателот на клубот Џоел Глејзер не го прифати барањето на португалскиот клуб од астрономски 80 милиони евра за фудбалерот од среден ред.

Спортинг очекуваше договорот да биде склучен пред крајот на јануарскиот преоден рок, но повеќе англиски извори потврдија дека договорот не може да се „спаси“, откако Глејзер се спротиставил на трансферот.

Јунајтед понудиле 60.5 милиони евра, од кои 50 би ги добиле веднаш, а другата сума би се исплатила како бонуси, во кои Спортинг се сомневале – услов Фернандеш да ја освои „Златната топка“ или Јунајтед да ја освои Премиер лигата. Додека потпретседателот на клубот Ед Вудвард и менаџерот Жорге Мендеш се обидувале да дојдат до компромис, Глејзер одлучно кажал „не“.

Ова е втор голем најавен пропаднат трансфер на „ѓаволите“, откако Ерлинг Браут Халанд реши да се приклучи на Борусија Дортмунд. Интервенцијата на Глејзер во трансферот може да значи и крај на Вудворд како извршен потпретседател на клубот бидејќи тоа е човекот кој беше одговорен за трансферите во последните години и за ангажирањето на менаџерите Луис ван Гал, Жозе Мурињо и Оле Гунар Солскјер.

Повредите на Маркус Рашфорд, Скот Мектоминеј и Пол Погба, заедно со заминувањето на Ешли Јанг во Интер, го остава составот на Јунајтед ранлив во борбата за четвртото место на табелата, посебно откако вчера загубија 0:2 од Барнли на „Олд Трафорд“.

Scroll to Top