Манчестер јунајтед имаат понуда за ѕвездата на Борусија Дортмунд, Џејдон Санчо, но само од 50 милиони фунти, со што најверојатно нема да има договор со германскиот клуб, јавува „Скај спортс“.
Германскиот клуб бара најмалку 100 милиони фунти за 20-годишниот Санчо, кој подолго време е на мета на Јунајтед и на други клубови од Премиер лигата, но „ѓаволите“ сметаат дека ова е неразумна цена во време на пандемијата со корона вирусот и тој најверојатно ќе остане во Бундеслигата. Борусија Дортмунд во понеделникот даде објава до германската берза дека поради недостатокот на гледачи на мечевите ќе загубат 41 милиони фунти оваа година, но ова не значи дека клубот ќе продава со „попуст“.
Санчо пристигна во Дортмунд од Манчестер сити во 2017 за само 8 милиони фунти. Оле Гунар Солскјер даде двосмислена изјава кога беше прашан за Санчо.
„Добар сум со математиката, но не можам да дадам таков одговор. Во мојот тим има доволно добри фудбалери. Имам добар дијалог со сопствениците на тимот и план од потпишувањето на мојот договор во март 2019. Има многу фактори за тоа што ќе правиме ова лето“, вели Солскјер.