Јувентус и Милан одиграа само 0:0 на „Алијанц стадионот“ во првиот меч во италијанскиот фудбал по тримесечна пауза, резултат кој ги однесе „бјанконерите“ во финалето на Копа Италија, откако на првиот меч во Милано одиграа 1:1.
За трофејот Јуве ќе се бори со подобриот од дуелот помеѓу Наполи и Интер кој се игра утре и во кој наполитанците имаат предност од првиот натпревар по 1:0 победата во Милано.
Најважните работи во мечот се случија во неверојатен период од неколку минути –Јувентус доби престрог пенал за играњето на рака на Конти, по што Кристијано Роналдо зачудувачки утна пенал, односно ја погоди гредата, за во следните 18 секунди Милан да остане со играч помалку по неверојатниот кун-фу удар на Анте Ребиќ на Леонардо Бонучи по што доби директен црвен картон.
Јувентус со играч повеќе беше поопасен до крајот на полувремето, упатувајќи дури 13 удари, но не успеаја да го совладаат Џиџи Донарума, додека од другата страна, бидејќи Стефано Пиоли на располагање немаше напаѓачи по црвениот картон на Ребиќ, шансите на Милан беа далеку поретки. Во второто полувреме се забележа дека на двата тима им недостасуваат мечеви, што придонесе до неквалитетен фудбал и малку вистински шанси.