Top Sport

Јувентус и официјално крунисан со двојната италијанска круна (видео)

Jувентус повторно е шампион на Италија, откако одигра реми без голови на „Олимпико“ во Рим, каде што неодамна ја освои и титулата од Копа Италија.

Наполи победи на гостувањето кај Сампдорија со 0:2, но и со тие три поени, разликата до првопласираниот Јувентус е четири поени со само уште едно коло на распоредот во Серија А.

Ова е седма титула едноподруго за популарните „бјанконери“ и четврта година по ред во која ја остваруваат двојната италијанска титула, покажувајќи доминација под Масимилијано Алегри каква што одамна не е видена на „чизмата“.

Наполи оваа година беше најсериозниот конкурент за титулата, и по победата над Јуве во Торино се очекуваше дека ќе има драматична завршница на шампионатот, меѓутоа „партенопеи“ во следните два меча освоија само еден поен (еден пораз и едно реми), за во основа да ја предадат титулата без борба.

Ова е 34. титула во историјата на „старата дама“ со што се убедливо најтрофејниот италијански тим во домашните натпреварувања – зад нив се миланските гиганти Милан и Интер со по 18 титули.

Фото: ЕПА

Scroll to Top