Речиси два месеци по смртта на неговиот син Данило Фелисијано де Мораеш, легендата на бразилскиот фудбал Кафу вели дека уште не може да се справи со загубата. Во последното интервју за бразилскиот магазин „Вежа“, Кафу вели дека секои пет дена е на гробиштата со ново цвеќе.
30-годишниот Данило почина по срцев напад на 4 септември додека играше фудбал и Кафу открива дека тој бил првиот кој се обидел да му помогне, го ставил во автомобил и го однесол во болница, каде што тој починал.
„Игравме фудбал со пријателите, пет-на-пет, а Данило беше во мојот тим. На полувремето илезе, а потоа забележав дека нешто не е во ред. Потоа го видов дека лежи на тревата и знаев дека има проблеми со срцето и бев во паника. Повикавме брза помош, ни рекоа дека ќе дојдат за 10 минути, но немаше време за тоа. По час и пол во болница, немаше спас“, вели Кафу.
Тој признава дека плаче секој ден и дека е „урнат“.
„Уште не сум го сфатил фактот дека погребав син. Одам на гробишта секои пет дена, немав храброст да излезам на фудбалски терен оттогаш. Не знам како да ви го опишам чувството да фрлите земја на ковчегот на вашиот син знаејќи дека нема да се врати. Смртта на детето ќе не следи цел живот“, вели 49-годишниот Кафу.
Сепак, бразилскиот дефанзивец не сака да си дозволи да застане. Оваа недела тој беше во Кина, каде што работеше на отварање на фудбалски школи, а како советник на ФИФА има голем број на идеи за подобрување на фудбалот – тој го даде предлогот да се дозволи четврта замена во мечевите со продолженија.