Рикардо Кака никогаш не успеа да ги достигне „височините“ со Реал Мадрид, но во ново интервју со шпанскиот спортски весник „Марка“ вели дека нема лоши сеќавања од шпанската престолнина.
Бразилецот со Милан ја освои титулата од Лигата на шапионите во 2007 година, по што ја освои „Златната топка“ и по шест години со „росонерите“ се приклучи на Мадрид во 2009 во трансфер вреден 67 милиони евра, тогаш втор најголем во историјата. Но, во Реал тој имаше четири лоши сезони одбележани со повреди, по што се врати за една сезона со Милан во 2013, пред да се пресели во Орландо сити во МЛС лигата.
„Можеби ќе звучи чудно, но најдоброто сеќавање во Мадрид беше моментот кога беше потврдено дека заминувам, бидејќи зборував со претседателот Флорентино Перез и тој ми кажа дека ме смета за голем професионаец кој направил се да оствари резултати во Мадрид, но малата минутажа и повредите не ми го дозволија тоа. Тоа беше големо задоволство, бидејќи не се чувствував дека вратите во Реал ми се затворени. Затоа никогаш нема да ме слушнете да кажам нешто лошо за Мадрид, Жозе Мурињо или Флорентино Перез. Кога се сретнавме со Флорентино на финалето на Лигата на шампиони оваа година, срдечно се поздравивме и гушнавме“, вели Кака.