Со само 19 години, Килијан Мбапе веќе има неверојатни успеси зад себе – две титули во француската Лига 1, европска титула со У-19 репрезентацијата и клучна улога во триумфалниот поход на Франција на СП во Русија. Наместо во ПСЖ, најдобриот тинејџер на денешницата можеше да биде во Челси, но во 2012 година работите тргнаа наопаку. Секако, за „сините“.
Поранешниот скаут на Челси, Серџ Даниел Бога го донесе младиот фудбалер во тренинг-центарот во Кобхем, каде што импресионираше, но премиерлигашот сакаше да организира и втор тест, нешто што не и се допадна на мајката на Мбапе.
„Челси беа првите кои го тестираа, пред Реал Мадрид. Имав пријател кој работеше за ’Најк’, Денис Шантрон и кога бев во Франција тој ми го посочи Мбапе, кој тогаш играше за Бонди, мал клуб од париските предградија. Ми велеше: ’мораш да го видиш’. Отидов таму и бев изненаден. На Челси им кажав дека веднаш мораат да го донесат и организиравме тој да дојде со семејството. Се гледаше дека има талент и играше против Чарлтон и победивме 7:0. Една недела подоцна ги повикавме да им кажеме дека треба да има уште еден тест. Неговата мајка се налути и врескаше на француски: ’Слушајте, моето момче нема да се врати. Ако сакаат да го земат нека го земат сега, бидејќи за пет години ќе го бараат за 50 милиони евра’. Тоа не им го преведов бидејќи мислев дека е преарогантно. Но, таа беше во право. Не е 50, туку 180 милиони евра“, вели Бога.
Мбапе се сретна со Дидие Дрогба и Флорен Малуда додека беше во Лондон и доби дрес со неговото име со број 11, но на крајот немаше трансфер. Бога вели дека главната пречка за договор била загриженоста на луѓето во Челси за дефанзивните квалитети на Мбапе.
„Тој имаше квалитет, но во Англија сакаме фудбалерот да оди назад и да работи напорно. Тој тогаш не беше таков фудбалер. Дефанзивно не беше таму. Со топката беше неверојатен, но без топката, не работеше многу. Но, требаше да потпишат. Иако, сега е лесно да се каже тоа“, додава Бога.