Top Sport

Како Роналдињо го „зезнал“ Клеберсон да потпише за Манчестер јунајтед

Бразилецот Клеберсон беше едно од најразочарувачките засилувања на Манчестер јунајтед во ерата на Сер Алекс Фергусон, заедно со можеби Ерик Џемба-Џемба, и сега во интервју тој признава дека потпишал за „ѓаволите“ во 2003 година поради тоа што го „зезнал“ неговиот соиграч, Роналдињо.

Роналдињо и Клеберсон беа посакувани од Фергусон откако беа дел од бразилската репрезентација која го освои Светското првенство во 2002 година, но успеаја да го убедат само Клеберсон од Атлетико Параненсе за 6.5 милиони фунти. Роналдињо бил блиску до трансфер и Клеберсон вели дека тој му кажал дека набргу ќе му се приклучи во Англија, пред да направи трансфер во Барселона.

„Имаше два клуба заинтересирани за мене: Манчестер јунајтед и Лидс. Тоа беше лесен избор, но имаше и интересна позадина. Кога Јунајтед го потврдија интересот бевме со бразилската репрезентација во Франција за Купот на конфедерации. Јасно се сеќавам, бевме со Роналдињо и неговиот брат и агент Асис и тој ми кажа дека сакаат да потпишат со двајцата. Јас бев пресреќен што ќе одиме двајцата се вратив во Бразил и преговарав со Јунајтед, но тогаш тој ме ’зезна’ и отиде да игра на топло време во Барселона. Тоа е уште тема меѓу нас двајца и тој знае дека ми должи“, вели Клеберсон во интервју за магазинот „Фор фор ту“.

Клеберсон никогаш не доби вистинска шанса на „Олд Трафорд“ и имаше само 20 лигашки настапи пред во 2005 година да биде продаден на Бешикташ.

Роналдињо пак, неодамна оваа година призна дека бил на само „48 часа“ од потпис со Јунајтед, пред да му се јави Сандро Росел, претседателот на Барселона и да го убеди да отиде во Каталонија. Во Барса, Роналдињо ќе освои две шпански титули и трофеј од Лигата на шампиони, а во 2005 ја освои и „Златната топка“.

Scroll to Top