Top Sport

Какво ќе биде третото европско натпреварување, и што то значи за нашите клубови?

Европската фудбалска федерација (УЕФА) сериозно размислува за воведување на трето европско натпреварување со што многу повеќе клубови ќе добиваат шанса за настап во Европа, а тоа би требало да започне веќе во сезоната 2021/22.

Според сегашниот систем на натпреварување, во Европа има две натпреварувања – елитната Лига на шампиони со 32 тима и „второлигашката“ Лига Европа со 48 тима. Според новиот формат наместо 80 клубови кои играат во Европа, би имало 96 клуба.

„Новите регулативи ќе бидат поефективни од претходните кои донесоа одлични резултати. Доколку извршниот комитет на УЕФА даде ’зелено светло’, ќе имаме и трето натпреварување и 96 вклучени клуба од 2021/22. Деталите околу календарот значат дека од 2024 ќе имаме и нов календар на натпреварување, многу помодерен од сегашниот“, вели извршниот директор на Јувентус и претседател на Европската асоцијација на клубови (ЕЦА) по состанокот во Сплит.

Ако ова се оствари, ќе биде најголема промена на европските клупски натпреварувања од 2009 година, кога беше отфрлен Интертото купот и клубовите кои се квалификуваа директно отидоа во новата Лига Европа, која дотогаш беше позната како Куп на УЕФА.

Според, претседателот на управата на Хајдук, Јасмин Хуљај, во основа Лига Европа ќе се прошири од 48 на 64 клубови, но поделени во две „лиги“ по квалитет, односно формирање на Лига Европа 2.

„Имаше предлог да се направат две категории по 32 тимови, односно вкупно 64 клубови во Лига Европа 1 и Лига Европа 2. УЕФА ќе треба да донесе одлука за тоа следната пролет. Тоа ќе значи дека клубовите од помалите држави ќе имаат поголеми шанси да учествуваат во европските натпреварувања, додека ќе се задржи елитниот формат на Лигата на шампиони“, изјави Хуљај за „Индекс.хр“.

Македонија досега само еднаш имаше учесник во модерните лигашки натпреварувања на УЕФА, откако Вардар минатата сезона дебитираше во Лига Европа. Претходно, македонските клубови или паѓаа на последната пречка (како Шкендија оваа година) или губеа уште во првите натпревари.

Со овој формат на македонските клубови ќе им се даде шанса да добијат европско искуство, со европски натпревари барем до Нова Година, а од друга страна богатите и силни клубови од западна Европа повторно ќе бидат дел од Лигата на шампиони, од каде доаѓаат големите пари.

Scroll to Top