Олимпискиот и Параолимпискиот комитет на Канада соопштија дека нема да испратат свои спортисти доколку оваа година во Токио се одржата Олимписките игри.
Канаѓаните испратиле апел до Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), поради безбедноста на спортистите и општеството, да ги одложи Игрите за наредното лето.
„Ја разбираме комплексноста на целата ситуација, но ништо не може да биде поважно од здравјето на на нашите спортисти и светската заедница“, се наведува во дел од соопштението.
ИОК, во неделата, објави дека одлуката за евентуално откажување или одложување на Игрите ќе ја донесе за еден месец.
Канада е првата држава што донесе ваква драстична, но и логична мерка, бидејќи во светот од коронавирусот се заразени 360.000 луѓе и таа бројка секојдневно се зголемува.
Олимписките игри во Токио на програмата се од 24 јули до 9 август.
Пред четири години на Олимписките игри во Рио де Женеиро, Канада настапи со 315 спортисти. Од Бразил тие се вратија со 22 медали (четири златни, три сребрени и 15 бронзени).