Top Sport

Каниџа: Кога нема силен тим, Меси не прави ништо!

Лионел Меси можеби има рекордни шест „Златни топки“ и е сметан за еден од најдобрите фудбалери во историјата на спортот, но неговиот аргентински сонародник Клаудио Каниџа го обвинува дека му недостасува лидерство и дека е најслаб кога на тимот му оди најлошо.

Меси има 634 гола за Барселона и 70 за Аргентина, освојувајќи 10 титули од Ла лига и четири од Лигата на шампионите со Барселона, но уште ја чека првата титула со Аргентина, на Копа Америка и на СП во 2022 година

Поранешниот аргентински напаѓач Каниџа вели дека со послаб тим околу него, Меси е беспомошен.

„Можеби му недостасува лидерство, бидејќи кога неговиот тим не е најдобар, тогаш тој не успева. Меси ја презема одговорноста и јасно е дека има карактер за тоа, и не знаеме што ќе се случеше во Барселона да не беше тој таму, но кога работите одат лошо, тој страда. Кога ќе го види противничкиот тим во добра форма, паѓа неговата форма. Тој се мачи кога има проблеми“, вели Каниџа.

Тој исто така не верува дека Меси се обидел да замине од Барселона и покрај тоа што оваа вест го одбележа фудбалското лето.

„Тој доби лоши совети и му кажаа дека може да замине бесплатно. Но, мислам дека постојано беше јасно дека нема да си оди од Барса“, вели Каниџа.

Scroll to Top