Top Sport

Кансело се договорил со Барселона, се чека одговорот од Манчестер сити

Барселона очекува сериозен финансиски прилив во моментот кога ќе се официјализира трансферот на Усман Дембеле во Пари Сен Жермен. Во меѓувреме, се чини дека Каталонците го најдоа своето следно засилување.

Шпанските медиуми објавија дека клубот постигнал договор со Жоао Кансело и дека Португалецот е подготвен да го засили клубот од „Ноу Камп“.

Сега Барселона треба да го најде моделот по кој ќе го заклучи овој трансфер. Наводно Барселона прво сака да го позајми Кансело, па во текот на сезоната да се разговара за неговиот конечен статус.

Последниот збор ќе го има Пеп Гвардиола, со кого Кансело не е во најдобри можни односи, меѓу другото и поради тоа вториот дел од минатата сезона го мина на позајмица во Баерн.

Клубот од Минхен не сакаше да го купи, па Кансело се врати во Манчестер и го чека исходот од преговорите меѓу „граѓаните“ и шпанскиот тим.

Репрезентативецот на Португалија има договор со Сити до летото 2027 година, според „Трансфермаркт“, тој се проценува на 50.000.000 евра, но Барселона во моментов не е подготвена да потроши толку пари.

Scroll to Top