Фабио Капело вели дека е тој е заслужен што Златан Ибрахимовиќ е фудбалска ѕвезда, објаснувајќи дека Швеѓанецот едноставно не знаел да шутира кога пристигнал во Јувентус.
Ибра пристигна во Торино од Ајакс во 2004 година со голема репутација, меѓутоа Капело вели дека тој бил како дијамант кој треба да се обработи, за потоа да има блескава кариера со Интер, Барселона, Милан, ПСЖ и Манчестер јунајтед.
„Кога Ибрахимовиќ дојде во Јувентус, тој не знаеше да шутира. Мино Рајола ми кажа: ’Златан е толку силен, што ги крши рацете на голманите’. Јас на тоа одговорив дека засега единствено нешто што скршил беше прозорецот во салата за вежбање. Тогаш тој почна да работи напорно, и како што сите знаат, бргу се подобри“, вели Капело во интервју за „Скај Италија“.
Капело, кој работеше две години во Јуве со Ибрахимовиќ, вели дека никогаш немал проблеми со Швеѓанецот.
„Го имав Ибрахимовиќ на мета и кога бев тренер на Рома. Јувентус го земаа многу поволни – 16 милиони евра исплатени во четири рати. Во Ајакс имаа решено дека тој нема да биде голем играч, и повеќе сакаа да го задржат Египќанецот Мидо. Ибра имаше некои проблеми во Јуве, на пример со Џонатан Зебина, но Лучано Моџи средуваше сè“, додава Капело.
Но, Ибра не беше најдобриот фудбалер со кој работел Италијанецот.
„Најдобриот секако беше Роналдо. За жал, работев со него на крајот на кариерата, кога имаше 96 килограми. Го прашав колку тежел на СП во 2002 и тој ми кажа 84. Тој беше фантастичен играч“, завршува Капело.