Top Sport

Капитенот на Вотфорд: Ова не е регуларно натпреварување, ги жалам Ливерпул

Капитенот на Вотфорд, Трој Дини, инаку еден од најголемите противници на враќањето на фудбалот во Велика Британија, вели дека оваа сезона нема да има интегритет и дека речиси сигурната титула на Ливерпул секогаш ќе биде со „ѕвездичка“.

Дини е еден од фудбалерите кои решија да не се вратат на тренинзи поради ризиците поврзани со КОВИД-19, објаснувајќи дека е загрижен за здравјето на својот петмесечен син, кој беше роден предвреме и има проблеми со дишењето.

Денеска, Премиер лигата потврди дека се враќа на 17 јуни, но Дини вели дека натпреварувањето не е легитимно.

„Мислам дека кога ќе се зборува за интегритетот на сезоната, тој е веќе непостоечки. Жал ми е за Ливерпул, бидејќи без разлика како ќе заврши, тие ја заслужија титулата и го заслужија трофејот. Но, дури и да се вратиме на фудбалот, сезоната ќе биде расипана од пандемијата. Тоа секогаш ќе биде сезоната кога Ливерпул победија бидејќи се најдобри по 30 години, но не можете да кажете дека се работи за легитимно натпреварување. Се работи како да трчаш маратон, по 20 милји застанеш, паузираш два месеци, и потоа одиш со спринт до крајот и велиш дека си остварил добро време“, вели 31-годишниот Дини.

Тој исто така признава дека неговото семејство е мета на грди коментари преку социјалните мрежи.

„Видов некои кои пишуваа: ’Се надевам дека твојот син ќе добие корона’. Како да одговориш на тоа?“, се прашува Дини.

Scroll to Top