Top Sport

Карагер му предвидува катастрофа на Лисандро Мартинез против 195 сантиметри високиот Халанд

Поранешниот фудбалер на Ливерпул, а сега ТВ-коментатор, Џејми Карагер му порача на Лисандро Мартинез да „стои подалеку“ од Ерлинг Халанд во неделното дерби на Манчестер, бидејќи тешко дека ќе се снајде со 195 сантиметри високиот норвешки напаѓач на Манчестер сити.

Мартинез е под критики по трансферот од Ајакс во Манчестер јунајтед поради неговите 175 сантиметри, и недостатокот на физичка сила во тешката Премиерлига, но од друга страна по својот жар и постојаност на теренот стана миленик на публиката на „Олд Трафорд“. 24-годишниот Аргентинец заедно со Рафаел Варан сега се срцето на одбраната на „ѓаволите“, но Карагер смета дека тоа нема да биде доволно против Халанд.

„Халанд можеби беше ‘тивок’ спроти Мартинез во мечот од Лигата на шампионите меѓу Ајакс и Борусија Дортмунд минатата сезона (Ајакс победи со 4:0), но Норвежанецот во моментов е најдобриот напаѓач на светот. Квалитетот на Мартинез кој се покажа со неговата желба постојано да ги лови противниците и да влегува во лизгачки напади мора да го заборави овој викенд. Некои битки не можат да се добијат со мускули, туку со памет. Го знам тоа во примерот со Дидие Дрогба. Тој сакаше да го почувствува здивот на својот маркер и ако дојдевте преблиску до него, тој ќе ве победеше. Како Дрогба, Халанд е еден од тие напаѓачи кои можат да направам многу од никаква ситуација. Затоа се толку скапи. Да, вистина дека некои од најдобрите централни бекови во историјата, како Франко Барези, Даниел Пасарел или Боби Мур беа ниски, но разликата е што тие беа 10-од-10 во сите друи елементи од нивната игра. Прерано е да се каже дека истото го има и Мартинез“, пишува Карагер во својата колумна во „Телеграф“.

Scroll to Top