Top Sport

Кардиф и Нант се согласија за исплатата за парите за Сала

Кардиф и Нант се согласија да го продолжат крајниот рок за исплатата на првата рата од 15-те милиони фунти за трансферот на покојниот Емилијано Сала до 27 февруари.

28-годишниот Аргентинец загина кога приватниот авион со кој патуваше падна во Ла Манш на 21 јануари, само два дена откако го сруши рекордот на Кардиф со трансферот од францускиот клуб. Во саботата тој беше погребан во Аргентина, каде што беа претставници на двата клуба.

Кардиф требаше да ја направат исплатата на првите 6 милиони евра на Нант до денеска, но според „ПАС“, клубовите се договориле за одложување од една недела. Овој договор доаѓа откако двата клуба беа вклучени во расправија околу тоа колку пари и како ќе ги исплати Кардиф на францускиот клуб.

Адвокатот на Нант на 5 февруари официјално ја побара првата од трите годишни рати, која мораше да биде исплатена во следните 10 работни дена, додека Кардиф сакаа да заврши истрагата за падот на авионот. Од Кардиф исто така се сомневаа во „аномалиите“ во договорот, но претседателот на клубот, Мехмет Далман потврди дека тие ќе бидат „чесни“ и ќе ја исплатат сумата која е потребна.

Кардиф сакаат да заврши истрагата и да се утврди одговорноста на пилотот Дејвид Иботсон и агентот Вили Меккеј кој го ангажираше пилотот, за да можат да ја исплатат полисата од 16 милиони фунти која ја имаа на име на Сала.

Ситуацијата е дополнително компликувана од фактот што Нант му должи на тимот на Бордо 50 отсто од парите, поради клаузулата во договорот со кој го купија Сала во 2015 година.

Ако не се најде договор, краен збор ќе има ФИФА, а можеби и пред Судот за арбитража во спортот (ЦАС).

Scroll to Top