Дефанзивецот на Реал Мадрид, Дани Карвахал реагираше по одлуката на Шпанската фудбалска федерација (РФЕФ) да го прекине само аматерскиот фудбал по ширењето на корона вирусот во оваа европска земја.
РФЕФ објави дека сите фудбалски активности се суспендирани, но дека ќе се игра фудбал само во првите две шпански професионални лиги – Ла лига и Сегунда дивизион. Синдикатот на фудбалери во Шпанија побара цел фудбал да се забрани во следните две недели, но Ла лига не сака да го направи тоа без одлука на шпанската влада. Карвахал не е задоволен.
„Дали фудбалерите, тренерите и асистентите на прволигашките и второлигашките тимови се имуни?“, се праша Карвахал на Инстаграм, по што го избриша постот.
Карвахал и неговиот тим во петок ќе играат со Еибар, пред следната недела да го играат реваншот од осминафиналето на ЛШ против Манчестер сити по домашниот 1:2 пораз.