Top Sport

Карваљал се жали за парите: Имам пари за сардини, сакам јастог

Менаџерот на последнопласираниот тим во Премиер лигата, Карлос Карваљал признава дека нема многу пари за трошење во јануарскиот преоден рок со интересна аналогија – ќе купува „сардини наместо јастог“.

Карваљал, кој неодамна беше ангажиран како менаџер на велшкиот премиерлигаш, направи „морнарска“ аналогија за својата можност на пазарот, нешто што наликуваше на славната изјава на Ерик Кантона од 1995: „Кога галебите го следат рибарскиот брод, значи дека има риби“.

„Имаме пари за сардини, а јас размислувам за јастог. Ќе направам сè што можам да ги донесам најдобрите играчи. Ќе побарам јастози и лубини, но ако морам ќе купам сардини. Но, понекогаш и сардинтие можат да победат натпревари. Не се работи за парите, туку за можноста да се добие квалитет кај играчите“, изјави Португалецот.

Свонси во сабота игра во третото коло на ФА купот со Вулверхемптон, првопласираниот тим од англиската втора лига, Чемпионшипот. Но, додека Свонси во текот на летото ги продадоа своите најдобри играчи Гилфи Сигурдсон, Фернандо Љоренте и Џек Корк, Вулвс се спонзорирани од кинескиот гигант „Фосун интернешнл“ и вложуваат огромни пари.

„Во моментов не сме во најдобра ситуација со парите, пазарот и ситуацијата во натпреварувањата. Разговарав со претседателот Хју Џенкинс и во сабота ќе имаме уште еден разговор. Мораме да ги покриеме сите позиции на тимот и мора да ги провериме играчите. Јас не работам со парите, така што ако видам играч кој ми се допаѓа, претседателот ќе решава дали ќе го купиме. Не знам дали ќе вредат 10, 20 фунти или 20 милиони, бидејќи тоа не е моја работа“, вели Карваљал.

 

Scroll to Top