Аргентинскиот напаѓач Лионел Меси го прокоментира своето достигнување во репрезентацијата во кое го надмина легендарниот аргентински фудбалер Диего Марадона. Меси го одигра својот 22. натпревар на светските првенства за репрезентацијата на Аргентина во синоќешната победа од 2:0 над Полска, со што го подобри рекордот на Марадона од 21 настап за „гаучосите“ на мундијалите.
„Многу брзо дознав дека го урнав неговиот рекорд. Не го знаев тоа. Среќен сум што можам да продолжам да поставувам такви рекорди. Верувам дека Диего би бил многу среќен за мене бидејќи секогаш ми покажуваше многу љубов. Тој секогаш беше среќен, кога се ми одеше добро“, изјави Меси, цитиран од „РМЦ Спорт“.
Репрезентацијата на Аргентина се пласираше во осминафиналето на Светското првенство во Катар 2022 година, завршувајќи на првото место во својата група. Во осминафиналето Аргентинците ќе играат против Австралија.