Top Sport

„Само еден европски тим може да им парира на Бразил и Аргентина“

Прославениот италијански голман Џанлуиџи Буфон ја даде својата прогноза за Светското првенство во Катар, кое започнува во недела на 20. ноември. Италија со која Буфон во 2006 година ја освои светската титула, повторно ќе ја пропушти планетарната смотра. Азурите не учествува и на Мундијалот во Русија.

„Како навивач, секако дека сум тажен, но тоа е уште полошо за играчите. Го поминав тоа во 2018 година, кога почнува Светското првенство, а вие седите дома. Тешко е да се прифати дека сте одговорни за нешто што му беше одземено на италијанскиот народ“, рече Буфон, кој последен пат настапи за репрезентацијата во 2017 година.

Иако во Катар ја нема Италија, и него го тресе еуфоријата пред почетокот на првенството.

„Светското првенство е натпреварување каде што ако не успеете, се чувствувате опкружени од сите страни. Но, ако го достигнете врвот, како ние во 2006 година, тоа е екстаза која трае со месеци. Тоа е прекрасно чувство, бидејќи сфаќате дека сте директно одговорен за среќата на голем број луѓе, што е најубавото нешто на светот“.

Тој ги издвои фаворитите на Мундијалот во Катар.

„Аргентина или Бразил. На индивидуален план, Франција ми се чини дека е единствената европска репрезентација која може да им парира, но навистина не знам какви се тие како тим. А можеби и Белгија, бидејќи ми се допаѓа како брани Куртоа“, заклучи Буфон.

Scroll to Top