Фудбалската јавност вчера беше изненадена од фактот што селекторот на бразилската репрезентација Тите го вклучи 39.годишниот Дани Алвеш на списокот патници на Светското првенство во Катар. Ветеранот претходното лето се пресели од Барселона во УНАМ.
Тите изненади и со одлуката да не го повика искусниот напаѓач Роберто Фирмино, кој сезонава игра добро за Ливерпул.
„Дани има технички и тактички аспекти кои се импресивни, тој е личност која може да организира и артикулира. Секако, тој веќе не е човек кој може да трча 60 или 70 метри, но има други доблести. Со поканата ги наградивме неговите технички квалитети, но и психичките и физичките аспекти. Веруваме дека физички ќе биде целосно подготвен“, изјави Тите објаснувајќи ја одлуката на турнирот да го доведе легендарниот десен бек Алвеш.
Дани Алвеш игра за „Селесао“ од 2006 година. Вкупно за својата земја настапи 124 пати и постигна осум гола. Во својата клупска кариера, тој освои импресивна серија трофеи играјќи за Баија, Севиља, Барселона двапати, Јувентус, Пари Сен Жермен, Сао Паоло и УНАМ.
Бразил на СП ќе игра во Г-групата, заедно со Србија, Швајцарија и Камерун.