Фудбалската репрезентација на Македонија, во петок, ќе го одигра последниот контролен натпревар, пред почетокот на ЕУРО 2020. Противник на македонските фудбалери ќе биде селекцијата на Казахстан.
Селекторот, Игор Ангеловски, вели дека репрезентацијата на Казахстан располага со многу млади фудбалери и нема да биде лесен противник.
„Се работи за репрезентација која во составот има многу млади фудбалери. Казахстан одигра добар натпревар против Украина и успеа да ремизира 1:1. Утрешниот меч ке биде добар тест пред заминувањето за Букурешт. Стефан Спирковски е добар, го одработи целиот тренинг и утре ќе настапи. Што се однесува до Хасани, во разговор со лекарскиот тим одлучивме утре да не настапи, со цел да се опорави комплетно за Европското првенство”.
Елиф Елмас, фудбалерот на Наполи не го крие задоволството што публиката се врати на стадионот.
„Прекрасно е чувството кога се игра пред публика. Како што кажав и претходно, Македонија секогаш игра на победа, така беше и против Словенија, така ќе биде и утре. Казахстан не е репрезентација што треба да се потцени, утре ќе дадеме се од себе, што подобро да се подготвиме за настапот на Европското првенство”, вели Елиф Елмас
Мечот против Казахстан се игра утре со почеток од 18 часот на националната арена „Тодор Проески”.
Извор/ffm.mk