Хери Кејн и Кристијано Роналдо постигнаа по три гола за на своите репрезентации да им донесат убедливи победи во квалификациите за Евро 2020, по кои Англија веќе е патник на континенталниот шампионат, додека Португалија треба само во следниот меч против Луксембург да победи за да се приклучи на елитата.

Хери Кејн постигна три гола за само 12 минути, за Англија со 7:0 да ја „разбие“ Црна Гора за обезбедување на првото место во групата А, откако „Албионот“ постигна пет гола во првите 37 минути од мечот. Стрелци беа и Окслејд-Чембрлен, Абрахам и Рашфорд, а еден автогол си постигна Александар Софранац.

Во истата група, Чешка направи пресврт за 2:1 победа над Косово, со што се приклучи на Англичаните на Евро 2020 и во исто време ги прати Косовците на потенцијална пресметка со Македонија за пласман на шампионатот преку Лигата на нации на УЕФА.

Кристијано Роналдо, пак, постигна хет-трик за да ги предводи Португалците до 6:0 победа над Литванија, со која тие останаа на второто место во групата Б, со поен предност пред Србија, која се намачи за 3:2 победа над Луксембург. Во последното коло Португалците гостуваат на Луксембург, додека Србите патуваат во Украина, која веќе е пласирана.

Светскиот шампион Франција обезбеди пласман пред да стартува мечот со Молдавија, откако Турција одигра 0:0 со Исланд, и беше потребен пенал на Оливие Жиру во финишот на мечот за неубедлива 2:1 победа.

ЕВРО 2020, КВАЛИФИКАЦИИ

ГРУПА А

Чешка Република – Косово 2:1

Англија – Црна Гора 7:0

Табела: 1.Англија 18, 2.Чешка 15, 3.Косово 11, 4.Црна Гора 3, 5.Бугарија 3

ГРУПА Б

Португалија – Литванија 6:0

Србија – Луксембург 3:2

Табела: 1.Украина 19, 2.Португалија 14, 3.Србија 13, 4.Луксембург 4, 5.Литванија 1

ГРУПА Х

Турција – Исланд 0:0

Албанија – Андора 2:2

Франција – Молдавија 2:1

Табела: 1.Франција 22, 2.Турција 20, 3.Исланд 16, 4.Албанија 13, 5.Андора 4, 6.Молдавија 4