Top Sport

Кејн со предизвик до Салах: Да те видам следната сезона

Хери Кејн го предизвика Мохамед Салах и следната година да биде во голгетерска форма, откако ѕвездата на Ливерпул имаше рекордна сезона во која постигна 32 голови, два повеќе од Англичанецот.

Салах постигна еден гол при 4:0 победата на Ливерпул над Брајтон, додека Кејн беше прецизен во 5:4 победата над Лестер во последното коло од шампионатот.

Триесет гола се најмногу во кариерата на Кејн, откако последните две години имаше 25, односно 29 голови, покажувајќи фантастична постојаност. Токму затоа, Кејн му порача на Египѓанецот да биде исто толку расположен за голови и во 2018/19.

„Добро е да се има конкуренција, одлично за Премиер лигата што двајца играчи постигнаа над 30 голови. За мене, првата цел беше да се биде подобар од лани, и во тоа успеав. Мо имаше фантастична година и ја заслужува ‘златната копачка’ и едвај чекам да се соочам со него и следната година. За мене е најважно да се прави тоа година по година. Ова ми е четврта година со над 20 голови и секој кој сака да биде добар напаѓач мора да размислува на постојаноста. Ќе видиме дали двајцата ќе можеме да ја продолжиме низата“, вели Кејн.

Од друга страна Салах, кој оваа година е најпријатното изненадување во Премиер лигата, ги отфрли споредбите со двете мега-ѕвезди на светскиот фудбал, Кристијано Роналдо и Лионел Меси, признавајќи дека му е потребна постојаност. Салах оваа година ја освои и наградата за најдобар играч во Премиер лигата.

„Не ми пречат тие споредби, но не сум и многу среќен, бидејќи тие двајца се на врвно ниво веќе 10-тина години. Нивните перформанси се стабилни, така што јас морам да го задржам ова ниво подолго време“, вели Салах.

Меси има 45 голови во сите натпреварувања оваа сезона, Роналдо 43, додека Салах има 44.

Scroll to Top