Top Sport

Кемпес: Меси станува посебичен од Роналдо

Лионел Меси како старее станува „посебичен“ вели Марио Кемпес, додека неговиот вечен ривал Кристијано Роналдо има сè поголема улога на тимски играч во Јувентус.

Меси има статус на фудбалски бог во Каталонија веќе цела деценија и иако секогаш имал фантастични соиграчи, останувал во центарот на вниманието. По пет „златни топки“ и неброени рекорди неговиот легендарен сонародник Кемпес вели дека неговата игра станува фокусирана само на него.

„Меси е Меси, а Меси е и Барселона. Кога Меси е на теренот, подгответе се, бидејќи не знаете од каде ќе удри. Но, Меси не не изненадува повеќе бидејќи видовме како прави сè, иако мислам дека малку успори и сега сака работите да ги прави сам. Претходно го гледав како тимски фудбалер, сега е посебичен во своето однесување на теренот. Од другата страна, Кристијано оди во спротивна насока, сега игра повеќе за тимот отколку за себе“, вели Кемпес, освојувач на СП со Аргентина од 1978 година во интервју за „АС“.

Тој се осврна и на големите критики кои Меси ги добива за своите партии во аргентинскиот дрес.

„Ние Аргентинците го критикуваме Меси бидејќи сме специјалисти во критикување на тоа што е наше. Ако ме прашате со кого би сакал да играм, тоа ќе биде Меси, но само бидејќи веќе имав играно со Диего Марадона“, вели Кемпес.

Scroll to Top