Играчот од средниот ред на Барселона, Франк Кеси, продолжува да разговара со раководството на Јувентус за негова евентуална преселба на стадионот „Алијанц“. Засега тој е цел број еден на раководството на „старата дама“ кое во него гледа искусен фудбалер кој ќе може да внесе поголема сигурност и стабилност во двете фази од играта.
Самиот Кеси претпочита да остане во Барселона, но сфаќа дека нема да добие доволно минутажа и ќе има периферна улога кај Каталонците.
Во моментов тој сѐ уште се надева и на трансфер во Англија, па дури потоа би се сложил на враќање во Италија.
Последните информации од Шпанија сугерираат дека Барселона е подготвена да го продаде Кеси за околу 20 милиони евра откако го потпиша на слободен трансфер пред само една година.