Секоја година, италијанскиот дневен весник „Тутоспорт“ ги објавува 40-те најдобри млади играчи во трката за нивната награда „Златно момче“, а победникот го одредува публиката. Оваа година тоа е „кралот“ на ПСЖ, Килијан Мбапе.
18-годишниот Мбапе постигна 26 гола во 44 настапи за Монако минатата сезона, пред да направи мега-трансфер во ПСЖ, каде што досега оваа сезона има четири гола во осум натпревари. Тој ја освојува наградата пред финалистите, Габриел Жесус од Манчестер сити и Усман Дембеле од Барселона.
Kylian Mbappé is the 2017 Golden Boy, as revealed in Monday’s edition of Tuttosport. pic.twitter.com/p8AowFsge7
— City Watch (@City_Watch) October 22, 2017
Ова е 15. издание на наградата на „Тутоспорт“, која во последно време се смета за „младинска златна топка“. За одредувањето на листата на најдобри млади фудбалери, „Тутоспорт“ соработува со повеќе весници како францускиот „Л’Екип“, шпанската „Марка“, британскиот „Тајмс“, португалскиот „А бола“, и холандскиот „Де телеграф“. Од италијанските весници се вклучени „Кориере дело спорт“ и „Газета дело спорт“.
Претходни освојувачи на оваа награда се Лео Меси, Вејн Руни, Серхио Агуеро, Марио Геце и Пол Погба, а минатата година победи Ренато Санчес, кој сега е играч на Баерн Минхен, но е позајмен на Свонси.