Top Sport

Кин ги критикува Бразилците: Како да гледам Танц со ѕвездите

Рој Кин, легендарниот капитен на Манчестер јунајтед, кој сега работи како стручен коментатор им замери на Бразилците за прославата на головите, против Јужна Кореја.

Бразил, синоќа, на стадионот „974“ ја совлада Јужна Кореја со 4:1. Во четвртфиналето Бразил ќе игра против Хрватска.

Јужноамериканци со одлична игра ја потврдија улогата на прв фаворит за трофејот. Победата ја обезбедија во првите 13 минути кога ги постигнаа првите два гола.

Бразилците ги прославија своите голови со танц, им се придружи дури и селекторот Тите, тоа не му се допадна на Рој Кин.

„Не можам да верувам што гледам. Никогаш не сум видел толку многу танцување. Се чувствувам како да го гледам „Танц со ѕвездите“ (телевизиско шоу каде професионални танчери настапуваат во тандем со славна личност). Знам дека танцувањето е дел од нивната култура, но мислам дека тоа е непочитување на ривалот. Тие водат со 4:0 и тоа го прават секој пат“, изјави Кин на полувремето од натпреварот, што го коментираше за британската телевизија ИТВ.

Селекторот Тите на прес конференцијата ја коментираше изјавата на Кин.

„Ќе морам да бидам внимателен бидејќи секогаш ќе има негативни коментари кои ќе речат дека тоа е непочитување. За нас тоа е демонстрација на среќа“, изјави бразилскиот стратег, кој танцуваше со своите играчи по голот на Ришарлисон за 3:0.

Scroll to Top