„Росонери спортс инвестмент лукс“, компанијата која го предводи новиот Милан, потроши над 200 милиони евра во текот на летото, но во Италија се стравува дека кинеските сопственици ќе доживеат колапс на проектот доколку не завршат меѓу најдобрите четири.
Сопственикот на Рома, Џејмс Палота уште во текот на летото предупреди дека нешто „сомнително“ се случува во Милан.
„Нема никаква смисла. Тие немаа ниту пари да го купат тимот, бидејќи позајмија 300 милиони евра од луѓе во Лондон со голема камата. Сега трошат милиони, но на крајот ќе мора да го вратат тоа“, изјави тогаш Палота.
Марко Фасоне, извршниот директор на Милан призна дека кинеските инвеститори земале кредит од 300 милиони евра од американска фондација кои ќе треба да ги вратат за две-три години со успех „на теренот и надвор од него“.
Успехот засега го нема. И покрај 11-те засилувања во текот на летото, Милан загуби четири од првите 10 меча од сезоната и во моментов е на осмото место на табелата, а ги очекува и дуел со Јувентус во сабота. Италија оваа година има четири места за Лигата на шампионите, но засега Милан тешко дека може да планира да заврши пред Јуве, Наполи, Интер и Рома. Доколку се случи ова, дури и Фасоне признава дека ќе мораат да продадат некој играч.
„Лигата на шампионите е клучна во нашиот проект. Но, и да не се пласираме, планот нема да пропадне, туку само ќе се одложи“, вели Фасоне.
Оваа недела уште еден бизнис проект заврши за Милан – договорот со „Адидас“ беше прекинат предвреме иако вредеше околу 19.7 милиони евра, а договорот со „Пума“ ќе вреди под 15 милиони евра. Ова го предизвика поранешниот сопственик на тимот и експремиер на Италија, Силвио Берлускони да најави дека е можно да си го врати тимот.
Поранешниот италијански селектор, Марчело Липи, кој работеше и со кинеската репрезентација уште пред склучувањето на договорот предупреди дека за разлика од „Сунинг групацијата“ која го презеде градскиот ривал Интер, никој во Кина не знае ништо за новиот претседател на Милан, Јонгхонг Ли и неговите соработници.