Top Sport

Ќе се случи ли во Спортинг нов „случај Босман“

Шестмина фудбалери на Спортинг Лисабон, писмено од Фудбалската федерација на Португалија, побарале да им бидат раскинати договорите со клубот. Доколку пресудите бидат на штета на клубот, тоа може да предизвика тектонски пореметувања во фудбалот, слично како што во 1995година предизвика „случајот Босман“.

Голманот на Спортинг Руи Патрисио веќе го доби спорот со Спортинг, а покрај него од клубот побарале да си заминат Желсон Мартин, Вилијам Карваљо, Даниел Поденсе, Бруно Фернадеш и Баст Дост.

Клубот чии дрес го носи и македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски имаше турбулентна сезона, која ја заврши на третото место на табелата зад Порто и Бенфика.

Спортиг не успеа да избори пласман во Лигата на шампионите, но проблемот на клубот е многу поголем, а главен виновник е претседателот Бруно де Карваљо. Тој по елиминацијата од Атлетико Мадрид, во четврт-финалето во Лига Европа, најави дека ќе суспендира 19 фудбалери, откако влезе во вербална војна со нив. Подоцна тој се откажа од своите намери.

Потоа, откако стана јасно дека Спортинг ја губи втората позиција на табелата, хулигани ги нападнаа играчите во тренинг центарот и соблекувалната.

Хаосот што владее во клубот ќе се обидат да го искористат наведените фудбалери за да го напуштат Спортинг. Доколку нешто такво се случи, односно доколку фудбалерите добијат дозвола од Фудбалската федерација на Португалија да заминат, Спортинг покрај фудбалерите ќе загуби и голема сума на пари, бидејќи за нив нема да добие обесштетување.

На пример, Арсенал, за Желсон Мартинс понуди 30 милиони евра, откако Спортинг ги одби, клубот од Лондон малку ја зголеми понудата, но и таа е помала од откупната клаузула од 60 милиони евра што е вметната во договорот на Мартинс.

Доколку на играчите им биде дозволено да ги раскинат договорите и да си заминат без обесштетување, тогаш со сигурност ќе има нов „случај Босман“, бидејќи во иднина секој фудбалер што нема да биде задоволен во својот клуб ќе може да бара да го напушти без при тоа клубот да добие обесштетување.

Scroll to Top