Top Sport

Кјелини ја растажи Италија и го најави крајот со „аѕурите“

Капитенот на Јувентус, Џорџо Кјелини потврди дека ќе ја заврши репрезентативната кариера на пресметката против Аргентина на „Вембли“, каде минатото лето го постигна најголемиот успех со „аѕурите“ искачувајќи се на кровот на Европа.

Искусниот дефанзивец на Јувентус на тој начин во јуни ќе стави точка на репрезентативната кариера, откако минатиот месец со „аѕурите“ ја прокоцка шансата да го освои Светското првенство во Катар. Македонија застана на патот на Италијанците во плеј-офот од баражот за пласман на мундијалот.

“Ќе се збогувам со репрезентацијата на Вембли, каде што го достигнав врвот на кариерата со освојување на Европското првенство. Сакам да се простам со убави спомени. Ова секако ќе биде мојот последен натпревар за Италија”, изјави Кјелини.

Тој беше далеку повоздржан за крајот на неговата клупска кариера, бидејќи договорот со Јувентус му истекува дури во летото 2023 година.

„Мојата љубов кон Јувентус не е завршена и никогаш нема да биде. Се разбира, на крајот на сезоната ќе размислам за се и ќе разговарам со моето семејство за да ја донесам најдобрата одлука. Прво да го освоиме четвртото место и да го освоиме Купот на Италија, а потоа ќе седнам со двете семејства – со семејство и со Јувентус и ќе одлучиме што е најдобро за сите“, истакна Кјелини.

Scroll to Top