Поранешниот германски напаѓач, Јирген Клинсман вели дека во Германија мора да биде запален „црвениот аларм“ за да се справат со намалениот статус на „панцерите“ во светскиот фудбал, посочувајќи ја Англија како добар пример за решение.
Последен пат германски тим триумфираше во Лигата на шампиони пред шест години, а оваа година нема тим во четврт-финалето, откако Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и Шалке беа елиминирани од англиски противници. Ова доаѓа помалку од една година по засрамувачкиот настап на Светското првенство, каде што Германија како актуелен шампион беше елиминирана во натпреварите по групи и Клинсман вели дека е потребна „целосна реформа“ во планирањето на фудбалот.
„Зборуваме за резултатите во европските клупски натпреварувања две-три години, но сега сè е полошо. Резултатите на националниот тим се фатални во последно време. Мора да има црвен аларм! По освојувањето на титулата во 2014 во Германија имаше чувство на ароганција и се опуштивме бидејќи мислевме дека сме најдобри“, вели Клинсман во интервју за „Билд ам зонтаг“.
Во исто време, англискиот фудбал има „препород“ – четири од осумте тима во четврт-финалето на ЛШ се од Англија, а репрезентацијата е полна со млади фудбалери, со имиња како Џејдон Санчо и Рајс Нелсон кои играат во Бундеслигата.
„Во Англија прво размислуваа детално, потоа размислуваа надвор од рамките и бргу направија промени. Нивните клубови градат натпреварувања за млади фудбалери. Ние секогаш мислиме, за фудбалер најважно е дали знае да шутира, но не! Исхрана, спиење, тренинг, многу работи се важни. Сепак, има и добри примери во Бундеслигата, како Херта, Хофенхајм или Лајпциг“, изјави Клинсман.