Поранешниот тренер на Баерн и германската репрезентација, Јирген Клинсман преку Твитер ги демантираше шпекулациите дека е подготвен да се врати во Бундеслигата. 54-годишниот поранешен напаѓач, вели дека едноставно не е заинтересиран.
„Ги слушнав шпекулациите дека се враќам во Бундеслигата. Само да разјаснам, нема ништо во тоа. Среќен Велигден“, напиша Клинсман на Твитер.
Клинсман е поврзуван со местото во Херта, кои се на 11. место во Бундеслигата, а нивниот тренер Пал Дардаи заминува на крајот на сезоната.
Клинсман беше германски селектор и ги предводеше „маншафт“ до полуфиналето на СП во 2006, каде што загубија од подоцнежните шампиони Италија, по што одби да го продолжи договорот. По двегодишна пауза тој се врати во Баерн Минхен во јули 2008, но и таму остана помалку од една сезона – стигна до четврт-финалето на ЛШ, но беше отпуштен откако клубот беше само на третото место на табелата на пет меча пред крајот.
По кратка работа во Торонто како спортски директор, тој беше именуван за селектор на САД во јули 2011, и ги однесе Американците до осминафинале на СП во 2014, каде што загубија од Белгија. Тој беше отпуштен во ноември 2016 по катастрофалниот старт на квалификациите.
Hatte viel, viel Spaß auf der Chinesischen Mauer. Hab gehört, mein Name wird mit Bundesliga Clubs in Verbindung gebracht. Nur um Klarheit zu schaffen: da ist nix dran und absolut kein Thema für mich im Moment. FROHE OSTERN! pic.twitter.com/dKzynkU4HH
— Jürgen Klinsmann (@J_Klinsmann) April 20, 2019