Top Sport

Клоп ги провоцира Јунајтед: Толку квалитетни играчи, а толку дефанзивна игра

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп ги предупреди Манчестер јунајтед, дека „црвените“ на „Енфилд“ во недела ќе бидат сосема поинаков тим од тој кој одигра 1:1 на „Олд Трафорд“ на стартот на сезоната.

Јунајтед се единствениот тим кој успеа да „откине“ поени на Ливерпул во Премиер лигата оваа сезона и тоа во меч во кој Ливерпул израмни во финишот на мечот. Оле Гунар Солскјер изјави дека е горд на тој меч и на одбраната на неговиот тим, но Клоп реши да ги почне „менталните игри“, велејќи дека е „чудно“ да се види тим со квалитети како на Јунајтед да играат толку дефанзивно.

„Чудно е кога играш со висококвалитетен тим, каков што Јунајтед уште е, и тие играат на тој начин. Не знам дали сум кажал дека Јунајтед секогаш се бранат, но најверојатно е така, бидејќи тоа е вистината. Истото беше со Тотенхем минатата недела. Тие не играат само со контранапади, но тоа е главното оружје. По 70 минути имавме 80 отсто посед со Тотенхем и тоа не е нормално. Дали е тоа критика? Како сакаат нека го протолкуваат“, вели Клоп.

Тој знае дека мечот со Манчестер јунајтед е нешто посебно.

„Сите знаеме колку е важен овој меч на нашите фанови, исто како против Евертон. Имаме природни непријатели од историјата на овој клуб, но сега пишуваме нова историја“, додава Клоп.

Scroll to Top