Пред можеби клучната пресметка за титулата против Лестер на „Боксинг деј“, менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп вели дека не може да биде погорд на својот тим во 2019 и дека му е привилегија што е дел од славниот клуб.
Тој може да ја оцени годината 2019 само со „вау“, и вели дека е „најсреќниот човек на светот“ бидејќи е дел од тимот кој во оваа календарска година стигна до шестата европска титула во јуни, по што во трилер-сезоната ја загуби титулата во Англија за еден поен од Манчестер сити, за крајот да биде уште посладок – титула од Светското клупско првенство и 10 поени предност пред Сити на табелата со натпревар помалку
„Сега е време за гледање наназад на неверојатната година за овие момци, овој клуб и нашите навивачи. Мислам дека досега добро ме запознавте, јас не сум човек кој гледа наназад кога имаме работа, но како да се игнорира тоа што го искусивме оваа година. Имам само еден збор за тоа: ’вау’. Горд сум на многу работи. Додека сум жив нема да ја заборавам вечерта во Мадрид и следниот ден во Ливерпул кога го донесовме трофејот од ЛШ дома. Тој ден кога ги погледнав сите емоции на луѓето од автобусот се потврди тоа што го знаев од 8 октомври 2015 – јас сум најсреќниот човек што сум дел од овој тим, дел од ова семејство. Не можам да бидам погорд на моите фудбалери. Тие постојано се тука, без разлика на условите, без разлика на што е пред нив. Тоа најдобро се покажа таа вечер со Барселона на ’Енфилд’ кога донесоа нешто посебно“, пишува Клоп до фановите на Ливерпул пред празниците.