Top Sport

Клоп: Не разбирам како можат да играат таков фудбал

Јирген Клоп тешко ја прифати елиминацијата на неговиот тим од Атлетико Мадрид во осмина-финалето во Лигата на шампионите. Клоп со Ливерпул изминатите две сезони играше во самата завршница, а минатата сезона ја освои титулата.

Атлетико го елиминираше Ливерпул по продолженијата. Тимот од Мадрид постигна три гола во периодот од 97 до 120 минута и негативата од 2:0 ја претвори во победа 2:3.

„Не разбирам како можат тие со таков квалитет што го имаат да играат фудбал каков што играа. Тие можат да играат пристоен фудбал, но стоеја длабоко и играа на контри. Разбирам дека сега делувам како лош губитник, особено бидејќи момците вложија голем напор против играчи кои се светска класа, но кои се бранеа во два реда со по четворица фудбалери“, рекол Клоп.

Поразот од Атлетико е првата елиминација во нокаут-фазата за Клоп како тренер на Ливерпул. Во неговата прва сезона на „Енфилд“ играше финале во Лига Европа (пораз од Севилја), потоа стигна до финалето во Лигата на шампионите (пораз од Реал), а минатата сезона успеа да ја освои титулата во Лигата на шампионите.

Scroll to Top