Top Sport

Клоп се налути: Па не е ова „Плејстејшн“, не се игра со пет напаѓачи!

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп луто одговори на критиките за неговата тактика при 0:0 ремито со Евертон по кое „црвените“ го препуштија првото место на Премиер лигата на Манчестер сити со еден поен предност.

Ова беше четврто реми во последните шест меча за Ливерпул, и Клоп одговори со тоа што го извади напаѓачот Садио Мане за играчот од средниот ред Адам Лалана во 84. минута, нешто што зачуди многумина и посочи дека тој е задоволен со ремито. Клоп беше бесен.

„Навистина сум разочаран со прашањето. Ова е фудбал, не играме ’Плејстејшн’. Дали мислите дека не ризикував доволно денеска? Дека имав реми и дека не се обидував да победам? Да внесам уште еден напаѓач и фудбалот ќе се смени? Ајде, не е така. Доволно сме офанзивни, фудбалот не функционира така. Има уште девет меча и не ги загубивме нервите, како вас“, одговори Клоп на прашањето од новинарите.

Кога беше запрашан дали требал да внесе напаѓач за да оди по гол, Клоп беше уште полут.

„Не можете да стартувате со четири или пет напаѓачи за да одиш само по гол. Да, офанзивни сме, ризикуваме, но не се прави така. Не беше момент да се фрли сè на една карта. Така не се игра во Премиер лигата. Следната недела играме во Барнли и ако играме само во напад, ќе не убијат во контра-напад. Тоа е лудо“, додава Клоп.

Фото: ЕПА

Без голови на Мерсисајд, Ливерпул дозволи Манчестер сити да се одлепи! (видео)

Scroll to Top