Top Sport

Нејмар изненади: Кој не би сакал да игра во Реал Мадрид?

Нејмар, фудбалската ѕвезда која толку многу пати беше поврзуван со Реал Мадрид, вели дека сон на секој фудбалер е да игра за „кралскиот клуб“, но инсистира дека е среќен во Пари Сен-Жермен.

Нејмар, кој со 220 милиони евра останува најскапиот фудбалер во историјата по трансферот од Барселона во Париз во 2017 година се наоѓа во неговата татковина Бразил, каде што се опоравува од повредата на стапалото.

„Дали би сакал да играм за Мадрид? Тие се еден од најголемите клубови на светот. Секој фудбалер поврзуван со Реал Мадрид би бил привлечен од магијата да се игра таму. Но, полека, не зборувам дека ќе играм во Мадрид. Среќен сум во Париз, но во иднина никој не знае. Се гледам во Париз“, вели Нејмар во интервју за „Глобо“.

Иако постоеја шпекулации дека тој „плаче“ за враќање во Барселона и дека постојано се јавува во клубот, Бразилецот вели дека тоа поглавје во кариерата е завршено.

„Целта беше да се игра за Барселона, тоа беше сон и го остварив, сите го знаат тоа. Се чувствувам исполнето. Но, животот на фудбалерот е многу брз, а работите се случуваат неочекувано и никој не знае што ќе биде утре. Денеска сум среќен во Париз, но за три месеци, никој не знае што ќе се случи“, додава Нејмар.

Фото: ЕПА

Scroll to Top