Јирген Клоп не штедеше зборови за пофалба за Стефан Бајчетиќ, откако 18-годишниот фудбалер на Ливерпул го постигна својот прв премиерлигашки гол во понеделникот при 3:1 победата над Астон вила на рестартот на сезоната во Премиерлигата. Само две минути откако влезе во игра, Бајчетиќ покажа трпение и фудбалска умешност, за да го совлада голманот на Астон вила, Робин Олсен.
„Тој има таква храброст и не му е грижа за ништо. Само игра фудбал и го прави тоа исклучително добро. Тоа не чуди, бидејќи неговиот татко Срѓан Бајчетиќ исто така беше фудбалер, така што гените се тука. Но, мра да се пофали и неговиот однос, свесноста на терен и интелигенција во текот на мечот. Вистинско задоволство е да се работи со овие момци“, вели Клоп.
Бајчетиќ е роден во Виго, каде што неговиот татко играше за Селта од 1994 до 1997 година, и е продукт на академијата на шпанскиот клуб. Ливерпул го купија во декември 2020 година, за оваа сезона Клоп да му даде шанси во мечеви од Премиерлигата и од Лигата на шампионите. Интересно, неговиот татко Срѓан во Селта играше со Мазињо, таткото на неговиот соиграч од Ливерпул, Тијаго Алкантара.
Бајчетиќ има право да настапува за Србија и за Шпанија, а досега има само настапи за шпанската У-18 репрезентација во 2021 година, по што нема играно во повисоките категории.